За родовата еднаквост и интернет просторот

Застапувајќи се за родова еднаквост и подобрување на положбата на жените, наместо само упатување на 8-мо мартовска честитка за Меѓународниот ден за правата на жената, вебзинот Критика подготви еден краток приказ на трендовите за жените, феминизмот и борбата за родова еднаквост од минатава 2014 година во интернет просторот во светот и во Македонија, со кој се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста за постоечките нееднаквости во онлајн просторот, кој е рефлексија на реалниот свет. Воедно, посакуваме овој свет да зачекори кон иднина во која жените и мажите ќе бидат навистина еднакви и во реалниот и во виртуелниот свет. We Can Do It! Среќен 8-ми март!

 

Интернет просторот сé уште не е безбедно место за жените, а исклучок од ова не се ниту социјалните медиуми. Секоја акција за подигнување на свесност за родовата еднаквост и положбата на жената во овој простор редовно наидува на жестоки реакции и неретко преминува и во обиди за релативизирање и банализирање на проблемот во “полесните случаи”, додека пак во потешките и во директни вербални напади, закани за физичко насилство и секундарна виктимизација на оние кои се охрабриле да проговорат за своите лични искуства.

2014-та беше бурна година за феминизмот и родовата еднаквост на интернет, а и на Твитер. Од #RapeCultureIsWhen па сé до #RememberRenisha, минатава година видовме многу хаштагови за поддршка на феминизмот и родовата еднаквост, но и многу кои сакаат да го релативизираат и банализираат ова движење, па сé до оние кои се негова спротивност (како што беа #menimist и неговите варијации). Она што несомнено го покажуваат ваквите реакции е дека сé уште постои голема неинформираност за феминизмот и борбата за родова еднаквост  (одлично сумирано од видео-блогерката Kat Blaque која го анализира движењето на “менимистите”).

 

 

На слободната енциклопедија Википедија сé уште е мал бројот на статии за жените кои придонеле во науката, уметностите, политиката и граѓанските движења. “It’s a Man’s Wikipedia?” е насловот на трудот во кој се објавени истражувачките резултати кои укажуваат дека овој проблем делумно се должи и на малиот диверзитет помеѓу уредниците, односно на родовата пристрасност во уредувањето на страниците, што резултира со значителни разлики во начинот на кој се прикажани жените споредено со оној како се прикажани мажите (на пример, 4.4% е поголема веројатноста дека доколку се споменува “развод” во статијата, истата се однесува на жена) како и почетно помала основа за повисоко рангирање на статиите, а поради отсуството на надворешни врски/извори за статиите, што, пак, е резултат на генералната маргинализираност на жените во онлајн просторот. Ова го покажува и маратонот за поставување на статии на Википедија за жените и уметноста, чиј домаќин е MoMa – Музејот на современа уметност во Њујорк, кој првпат се одржа минатата година, а продолжува и оваа.

Примерите на предрасуди, стереотипи, вербално насилство, секундарна виктимизација, како и други начини на директен или индиректен напад и обид за маргинализација на жените во вестите на интернет порталите и други вебстраници ги има во голем број, преголем за да се осврнуваме на сите поединечно. Би споменале само еден, од можеби најзабележителните обиди за објективизација на жените и нивно “покорување” или “посрамотување” од минатата година – протекувањето на приватни “голи” фотографии на познати актерки кои го преплавија интернет просторот. Дел од фотографиите беа објавувани како реакција на изјави на актерките во кои повикуваат на родова еднаквост или со кои сакаа да ја подигнат свеста за положбата на жените во денешното општество. Ваков беше случајот со Emma Watson, чии фотографии беа објавени по говорот кој таа го одржа во ООН за промовирање на кампањата #HeForShe.

Трендовите се слични и во Македонија, како на социјалните мрежи, така и на Википедија. Иако од 2013-та година, остана запаметен хаштагот #ЈаВикале, реакцијата на овој хаштаг на блогерката @Amateuress – Ана Василева, како и навредите и силната реакција со хаштаг #АнаВасилева на кои таа беше изложена.

И организациите и независните иницијативи во Македонија свесни за ваквите трендови организираат акции за подигање на свеста за родовата еднаквост, но и за да го зголемат учеството на сите оние кои се застапуват за истата, иако можеби не се активни во ваква организирана форма. Така, во рамки на фестивалот кој оваа година се одржува по трети пат – Прво па женско, организиран од Tiiiit.inc, независната иницијатива Бори се Женски, организира акции за архивирање и зголемување на видливоста на жените кои промовираат родова еднаквост, како и подобрување на положбата на жената.

Прво па женско

 

Една ваква активност е генерирање и споделување на “фемиња” #феме #меместанувафеме на Twitter, Facebook и Tumblr.

ЕленаСтавревска

Ана Мартиновска
Акцијата на Бори се Женски се одвива и на Википедија. Таа е продолжување на нивната минатогодишна акција во која беа додадени 40 статии за жени на Википедија на македонски јазик, а со цел архивирање на информации за истакнати жени заборавени од македонската интернет сфера.

Бори се Женски

Со ваквите иницијативи и акции, жените, кои борбата за родова еднаквост ја водат и во реалниот и виртуелниот свет ќе го добијат местото кое го заслужуваат на Википедија, социјалните мрежи и во целиот интернет простор.