Зад Аголот

Зад Шпиунката

Ако сакате да стигнете зад аголот, треба да се упатите во западен правец кон граничните делови на главниот град. Таму некаде околу Влае, па до Ѓорче ќе ги најдете СВП, Контра Напад, Длабока Трага, Паки, Гочка, DJ Ilic и DJ Oky Doky, артистите и подгрупите кои ја сочинуваат уникатната рап дружина која се одзива на „Зад Аголот“. Токму овие момци и нивното последно, второ по ред, албумско остварување „Зад Шпиунката“ се тема на ова парче музичка рецензија.

 

Зад Аголот како групација творат од 2011-та година, а во 2012-та ѝ се претставија на публиката ширум светот (која разбира македонски јазик) со своето албумско првенче “Чувај го Вистинко волу.1”. Албумот беше огромен успех во однос на свежина, инвентивност и неконвенционалност. Проследен е со одличен прием кај публиката и крајно умешно измонтирани видео записи на јутуб познати како “Зад Аголот Хроники: Клупата е Дама”. После 4 години, 2016-та, момците од Зад Аголот се исправени пред предизвикот на вториот албум, кој е во нивниот случај е особено голем.  

„Зад шпиунката“ на прво слушање е логично и стилско продолжување на она што веќе го поимате како опус, лик и дело на Зад Аголот. Карактеристично за рап светот, одредени артисти од Зад Аголот во меѓувреме се вклучени во соло проекти од кои црпат искуство, но и кариерна конзистентност која е евидентна додека го конзумирате албумот. Она што е воочливо е дека формата на изразување и крајниот премаз на музичкото пакување на двете албумски остварувања на Зад Аголот наликуваат едно на друго, што тешко се постигнува и е за пофалба.    

Од истородноста, она што е од приметливо и на обвивката од албумот, Зад Аголот на пиедестал ја повторно ја ставаат свињата како олицетворение на нивната нескриена желба за хедонистиччки поминатите заедничите дружби, уживање во храна и напитоци кои влијаат на зголемување на холестеролот во крвта. Од моментите кои се здраворазумско различни, момците се позрели, проблемите, интересите кои ги тиштеле пред 4 години се смениле, околината во која секојдневно се движеле можеби малку алтернирала која заедно со целата социо-економска ситуација резултира со, за нијанса помрачно и (по)меланхолично остварување. Спојот на реминисценција, но и бескрупулозна тековност е една од главните одлики на очигледниот гневнот и меланхоличноста.

ZA

Продукциски албумот наликува на албумите продуцирани во златнота доба на хип хопот, тој е во вашето лице, бескомпромисен е, остар и ве тера да го засилите звукот за да постигнете тотално доживување. Семпловите на албумот варираат како оние од култанта македонска серија „Заведени“ и иконскиот трактат за ракијата и животот, разговори од „Пред Дождот“ на Манчевски, па сè до некои тековни аудио парчиња кои влегуваат во категорија „нелегално стекнати“. Во албумов ќе дојдете во допир со многу соул и џез моменти кои се една од подоминатните нишки која го проследува тврдиот бит. Од друга страна, албумот содржи и инструментална соработка со Бојан Рафајловски (гитара) и Димитрије Марковиќ (бас). Како имиња кои се појавуваат како продуценти на „Зад Шпиунката“, дефилираат Марко, Даре, Баже ДСЦ, DJ Goce SAF и Бранко, додека за миксањето и мастеризирањето главни виновници се Jan Zoo.

„Зад Шпиунката“ се состои од 20 нумери, плус крајно раперската одлика – има и бонус нумера, сè на сè во времетраење од нешто под 52 минути. Кога сме кај раперски моменти, го има можеби најкарактеристичниот – албумот почнува со интро, иако тоа не е толку експлицитно именувано. Најпровокативната трака од албумот е „Мамата у книшка“, која има и свој ремикс зад кој стои потписот на DJ Goce. Лирички скоро и да нема момент кој ве остава рамнодушни. Зад Аголот не ги кријат своите вештини, од деловите исполнети со маалска духовитост, до луцидни метафори и неочекувани компарации. Онаму каде ги има, рефрените се певливи, јасни и лесно запамтливи. Голем дел од стиховите би можеле да се напишат по ѕидовите во Скопје, без притоа тој чин да се смета за вандализам.

Тука некаде би застанал, само за да не оддадам премногу детали од годинта на свињата. Нема потреба од дополнително размислување, албумот во слушалки и да мрсиме.