Загор на турски начин? Карамба и карамбита!

Овие наши простори беа и останаа познати, помеѓу другото, и по поголемиот број фанови и популарност на италијанските стрипови отколку во Италија. Еден од овие стрипови е и Загор. Она што е помалку познато на истите овие простори, каде што главниот јунак Загор и неговата десна рака Чико и ден денес ги водат своите авантури во домовите на верните читатели преку старите и новите изданија на стрипот роден во 1961 година, е дека Турција нè шиела со својот фанатизам за Загор.

Големата популарност на Загор во Турција во 70-тите резултирала со снимање на три долгометражни Загор филмови – Zagor (1970)Zagor kara korsan’in hazineleri (1971) и Zagor Kara Bela (1971). До денешен ден, ова се единствените снимени филмови за популарниот Загор. Првиот филм, режиран од Mehmet Arslan со Cihangir Gaffari во улогата на Загор, е повеќе инспириран од Загор отколку негова адаптација, така што тука ќе се фокусираме на филмовите од 1971 година кои се слика и прилика на стриповите за авантурите на Духот со секира и Chico Felipe Cayetano Lopez Martinez y Gonzales.

Што е фасцинантно за овие филмови? Тие се и тоа како добро направени филмови! Можеби се класифицирани како нискобуџетни, но се внимавало на сè – од сценографија, костимографија, глума, статисти и масовност на сцени, па се до физичката сличност (особено на Чико) и енергијата на ликовите, со оние со кои сме навикнале да се дружиме на страниците кои ни ги подарија Sergio Bonelli (ака Guido Nolitta) и Gallieno Ferri. Загор и богатството на црниот пират и Загор Кара бела ги режирал Nisan Hançer. Во улогата на Загор е Levent Çakir, Чико е Nevzat Açıkgöz, а и во двата филма игра и првиот турски холивудски глумец Muzaffer Tema.

Дури и утре Холивуд да го “открие” Загор ќе има големи чевли да пополни.

 

Zagor kara korsan’in hazineleri (1971)

Zagor Kara Bela (1971)

Zagor (1970)