Никој не ме плаќа брат

 …23 годишен лет во место ради СДСМ и ВМРО… Јас сум за 4-часовно работно време… Повеќе научив од стадион и улица, отколку од Влатко Стефановски и Ристо Вртев заедно… Поблизок ми е сиромашен Албанец од богат Македонец… И серам и цвеќе берам… Не ги убивајте скопските улични кучиња… Држава е неприродна животна средина за луѓето… Вратете ни ги фабриките и животите… Туџе нечемо, своје немамо… Сите во шума… Жртва сум на транзиција, кур ме боли кој е позиција, а кој опозиција…  Скопје, ај лав дис гејм… Не се женам и не правам деца зошто не сакам третото дете на моето трето дете да ги враќа кредитите за спомениците… Без лектор, но со срце… С. КОПЈЕ… Ми иде у животот затоа што секогаш сум на страната на љубовта… Никој не ме плаќа брат… Не ме чуди утре да ме згази кола или да умрам од глад… Го пропуштив клубот 27… лесно можеа да бидат наслов за ова интервју. Сепак, одиме одл скул:

 

БЕЗ НАСЛОВ, НО СО ПОВОД!!!

 

HAHAHA_omot1

 

Поводот е излегувањето на третиот албум на музичката група ХАХАХА наречен едноставно САМИ МАЖИ И ЖЕНИ. Албумот се состои од 8 композиции. Издаден е од словенечката Мунли рекордс и од германците Пругелпринц. Во Македонија никој не ни понуди издавање. Групата успешно егзистира на домашната и светската музичка сцена веќе неколку години и во неа освен мене членуваат и Дени, Џано и Трипе. Јас ги пишувам песните, па ваљда ради тоа и давам интервју. Правејќи го тоа сам со себе е доста неблагодарна работа. Прво ќе те обвинат дека си его трип, а второ и најбитно е дека не можеш да го кривиш новинарот ( чекај малку…уште ја има таа професија во Македонија?!) за лоши прашања и мораш да си 100% одговорен за тоа што си го кажал. Е, токму тоа и го сакав! Разговор сам со себе, без прашања и без одговори. Писмо без повратна адреса. Доброто во сето ова е тоа што за да напишеш писмо треба да си писмен. Исто како и за да прочиташ и разбереш интервју.

 

Здраво. Јас сум Васко Атанасоски. Роден сум во Скопје во 1979 година. Навивам за Вардар. Јас сум борец. Не сум чудовиште, но не сум ниту домашно милениче. Свирам во бендови и снимам плочи, касети, компакт дискови и фри данлоуд заедно со моите другари/ки (Комунистичка Самопослуга, Бумбикс…, Пресинг, Трета Смена, FxPxOx, This Home Is Prepared, Demoncrats, SmartxBomb, Bernays Propaganda, PMG Collective, XAXAXA, Демек, ТК.СК.) едно 20+ години. Мал, жилав и напатен. Што би се рекло прав Македонец.

vecen pokoj

Плочата САМИ МАЖИ И ЖЕНИ на музичката група ХАХАХА се занимава со прашањето:

Зошто некои луѓе се плашат да нé останат сами, дури и по цена друштвото да чини прескапо, не ретко и откажување од животот кој сакаат да го живеат? Зошто резултатот од изборот некогаш треба да биде не само себичен, туку и тотално несакан а да не кажам и смртоносен. Зошто сите не се согласуваме дека животот е врв. Посебно добриот!!!

А сега. Опуштете се во вашите фотељи и замислете си…

СЦЕНА 1:
Сé што ве учеле до сега паѓа во вода и одеднаш почнуваат нови правила. Се распаѓа светот на возрасните а ние децата го земаме она што ни останува за да можеме да кажеме дека некогаш сме имале детство. Тоа што скоро сите трпевме (оптимиста сум по природа па користам минато време) за леб и живеевме во кафез не е битно.

СЦЕНА 2:
За предходната незгодна ситуација се криви аждаи, демони, ѓаоли, врагои… со човечки лик кои преку медиумите и институциите на системот (тоа кај нас ти е скоро иста работа) и секако со мала помош на полицијата и батињата со јаки мускули и дозвола за убивање ни кажуваат како да живееме, што да јадеме, за кого и како да навиваме, како да се ебеме/расплодуваме . Што би рекол народот: СИЛА БОГА НЕ МОЛИ…али си има мерак за градење верски објекти.

СЦЕНА 3:
Ние, луѓето во Македонија се правиме како сето ова да е лош сон од кој ќе се разбудиме рано сабајле и откако ќе се увериме дека тоа било само сон ќе ја гушнеме саканата личност која беспомошно лежи до нас и ќе продолжиме да си го живееме најдобриот можен живот кој еден просечен хомо-сапиенс може да го живее.

А сега малце реалност или удар со копачка во глава:

23 години воглавно тапкаме во место, а за тоа најмногу се криви СДСМ и ВМРО (зборам за македонскиот политички блок, во албанскиот главни улоги глумат ДУИ и ДПА). За мизериите пред тоа не се разбирам брат. Не сум бил роден или доволно возрасен. А искрено не спијам ни на увото национална историја затоа што историјата ја пишуваат победниците (богатите) а јас сум лузер (сиромашен). Се разбравме дека нé дупат во мозок, но дали сме 100% виновни за таа состојба? Реално, бевме сведоци и причинители на грозни работи, но да не заборавиме дека холокаустот, инквизицијата  и  империјализмот  се измислица на неколку членки на Европската Унија а ние сакаме да влеземе во тоа друштво. А знаете како викаат Србите – “С ким си, такав си”. Сакам да кажам дека не сме најлоши како што ни се повторува цели 23 години. Колку повеќе добри идеи остануваат нереализирани, толку повеќе им се отвора простор на лошите идеи да ја окупираат реалноста. Токму тоа е нашата приказна.  Бираме под Ш: лузер, а азбуката почнува со А. Рипаме букви ко  што јас рипам од тема на тема.

vrti suci

Плочата САМИ МАЖИ И ЖЕНИ на групата ХАХАХА не е Ју-носталгична. Сликата на југословенската фудбалска репрезентација од 1990 која се наоѓа од внатрешната страна на нашиот албумски омот треба да го замисли секој оној кој се ситеше на пропаста на таа земја по секоја цена и покрај фактот што беа родени во неа. Секако дека можеше да биде подобро, ама Кобра (за спортски неписмените, тоа е прекарот на Дарко Панчев) и Станојковиќ се доказ дека и ние допринесовме за 5-тото место во Италија 90-та. После тоа Светско првенство во најважната споредна работа на светот не видовме. Сакам да кажам, бар да бевме паметни ко Чехословачка. Плочата е повик за подобар живот и користење на мозок! Плочата не е полна со македонштина. Полна е со работи што и се случуваа и уште и се случуваат на Македонија. Лесно е да ме обвиниш за било што мене, сиромашен  жител од скопските предградија. Ајде имај муда и обвини ги јавно вистинските виновници. Сите знаат кои се, али некако гласчето им се стега кога ќе треба тоа да се направи. Јеби га, платени се за да ќутат и бутаат. Тука веќе 70 години (некои тврдат и милиони години) владее принципот на кланови кои владеат со народните пари и ни измислуваат шарени приказни за внатрешниот и надворешниот непријател поради кои не можеме да живееме добро. Да имавме муда ко што се курчиме ќе разберевме дека во современа Македонија неколку пати до сега имаше моментум за идење во шума (обучување за герилска борба и враќање во градовите и селата со цел: Смрт на …………измот, слобода на народот! ) но тоа не се случи затоа што сабајле треба да се разбудиме и да одиме на работа (алоооооооооооооо, 10 илјади денари не е заебанција!!!).

 

ДЕЛ 2 (Борба со замислен противник)

Наша среќа (моја и на моите другари/ка од групите ХАХАХА и БЕРНЕЈС ПРОПАГАНДА) е тоа што  речиси сé што ни требаше во животот го научивме од Do It Yourself  (насловот кажува сé) сцената. Затоа ни иде (добро, и поради тоа што секогаш сме на страната на љубовта). Затоа не ме боли кога некое скопско наконтено урбано типче кое мисли на својот бенд само кога шефот му е на одмор или кога е искочен надвор за да заврши една многу битна работа зборувајќи за музичката ситуацијата во вечната куќа (У-ууу!!!, А-ааа!!! Ма-ке-донија!!!) ќе ми каже:

Урбаното типче: Абе, знам што збориш Васко. Исто сме. У исти гомна сме.

Васко: Не бе брат! Не сме исто!!! И не сме у исти гомна. Ти си до колена а јас до врат. Ти имаш (добиено) работа, партиска книшка, ти тече стаж, имаш стан, исполнуваш нечија туѓа агенда, групишеш се…а јас сум 24/7 (Остварувам) активен во реализација на својот сон, нон-стоп на патишта во оскудни услови, а има и денови кога нема за јадење. Ти играш само за себе, јас играм за тимот. Ти брат, читаш за рокенрол, а јас го живеам! Ни мене ме тера некој со сила, ни тебе. Е, тука сме исто. Не ни е иста ни визијата за уметноста. За тебе тоа е елитизам, за мене тоа е инстикт на врач. За тебе тоа е стручна спрема, докторат и киснење у канцеларија а за мене тоа е теренска работа и школа живота. За тебе уметноста е начин да ебеш а за мене уметноста е умешност да им ги стоплиш душичките на луѓето, а пред тоа да ги потсетиш дека имаат душа откако ќе се увериш дека ја имаш и ти. Луѓето како тебе аплицираат, а ние работиме. А ако работиме, тогаш ние сме работници. Значи, не го јадеме џабе лебот и не му зимаме на народот од уста.

sam-na-tribina

Никој тука не размислува да направи нешто на здрава основа. Само се аплицира, се работи полуилегално, сами си се тапшаат по рамо… мизерија брат. И после немало копиљаци, немало луѓе, сите биле сељаци. Реално губиме од сељаците ко Македонија од Шпанија у фудбал, и ич не ни се они криви. На крајот на денот кој кажал дека само граѓаните треба да се репер за сé. Тоа а малку дискриминаторски, а нели сите ние сме за демократија. Одма вртам на Хелсиншки! Знам дека земјава, нејзините паркови, улици, гаражи, трибини, растурени домови… крие деца кои имаат по 14-15 години и чекаат да се пресметаат со злото што ни се случува предолго. Учат, тренираат, создаваат и чекаат да пораснат. Време им е. Знам затоа што го допревме дното. А после тоа, има само нагоре. А дотогаш ќе мораме да се задоволиме со младите кои не гледаат филм без да проверат рејтинг на самонаречени стручни сајтови на интернет, деца кои живеат со само еден родител, фејсбук, деца кои живеат без своја колекција на книги, плочи, значки, поштенски марки. Живеат без доказ дека повторно го откриле и засакале светот во кој се родиле. Живеат без доказ дека биле млади. Каде е тука креативноста? Каде е тука контрапунктот на злобната држава? Каде е тука умешноста на живеењето во организирана заедница и правата и обврските кои следуваат со тоа, ама без налог на државата и институциите, туку поради грижа за својот дом и заедничкиот простор и добро. Каде е тука напредокот и гинењето за подобро утре? Ги апсат и тепаат за еден џоинт. А кај да идат и што да прават кога немаат ништо свое. Немаат места за растење. Препуштени се на улица, ВМРО-вски медиуми, фејсбук, карниворската политичко-лоповска школа и спортско-политичката мафија. Да не знае човек што е полошо. Од сите страни Ѓорѓи сардисан, Исток нé отпишуе, Запад не нé запишуе. Се чувствувам мизерно кога во весник ќе прочитам вест од типот: “Денеска дечко и девојка лежеа на трева и се сунчаа среде Скопје”. Тоа е демек забегано, а не е забегано тоа што пола администрација во МКД чека викенд за да се нарока со дроги после напорната работна недела. Не е демек забеган насловот: “Македонските деца се најсреќни во светот”. Озбилен сум за насловов, гуглајте. И така сте нон-стоп онлајн. Следејќи ги денес македонските медиуми единствената вредна вест беше онаа посветена на проблемите на децата со аутизам. А тоа се чита толку ретко, да не кажам само кога таквите вести се злоупотребуваат од некоја политичка кујна. А за поведување на граѓанска иницијатива која ќе ја натера државата да потроши троа од народните пари за помош на овие луѓе е како да зборуваш за Македонија како земја во која се живее најдобро на светот. Затоа уште еднаш ќе повторам: Поблизок ми е сиромашен Албанец од богат Македонец. Па нели Исус нé учи дека побрзо ќе влезе камила низ иглени уши, отколку богаташ во рајот. Пред да завршам со интервјуто би сакал да ја искористам оваа прилика да му се заблагодарам на уредникот на критика.мк за укажаната шанса да се обратам на македонската јавност и еднаш засекогаш да се разбереме дека веќе не е фора да издадеш плоча или компакт диск, да идеш на турнеја низ Европа и Америка или да те има во странски медиуми. Сега е фора да станеш светски фактор во својата бранша. Сега е ера на глобализација. 21 век, јеби га.

И за крај добрите вести:
Што и да ви се случи денес, утре повторно ќе изгрее сонцето, а навечер ќе зајде. И пак наутро ќе изгрее. Амин.