103-те албуми на Васко Атанасоски

[избор 25-1]

25. Agnostic Front Victim in Pain |1984|

Вака сè треба да звучи и изгледа кога си хард кор и живееш за хард кор. Татковците на Њу Јоркшкиот звук и начин на искрено претставување на себе пред другите уште од почетокот на утакмицата улетаа со клизачи и тоа без картони!!!

 

24. Crass Stations Of The Crass |1979|

Мерило за интелигенција и креативност, пример за колектив, другарство и самоорганизација. Ова беше групата која ме натера сериозно и критички да размислувам за однесувањето на владеачката класа и  ме инспирираше секогаш да се борам против тираните, социјалната неправда и дискриминацијата. Е-во-лу-ци-ја!

 

23. Влатко Стефановски Cowboys and Indians |1994|

Еден и единствен, најпознатиот жител на Мексичка и човекот од кого сите знаат и сакаат бар едно 5-6 песни. На + 45 неговата куќа е ко хациенда а он е ко мексиканец на улица мексичка, ама кај мене во листа го носи бројот на Мајкл Џордан затоа што ја свири гитарата како што овој играше кошарка…сите му се тргаа и воодушевуваа, дури и кога не му признаваа.

 

22. David Crosby If I Could Only Remember My Name |1971|

Пишува добра песна во секое време ама и по минимум 2-3 одлични по албум. Фабрика за мелодии која работи 24/7 без да користи струја. Царот на хармонијата, најдобар брк у свет и може да ти влезе у срце со брзина на светлината.

 

21. Mission of Burma Vs.|1982|

Ова е воз на кој не му треба пруга, ова е воз полн со патници. Ме носат секогаш длабоко во мене покажувајќи ми еден Васко кој подобро го запознав заради нив.

 

20. The Future Sound Of London ‎Dead Cities |1996|

Штотуку утепав човек кој што личеше на мене. После оваа плоча секој  може да ја победи смртта, а тие веќе можеа да свират што сакаат затоа што таков е животот драги мои, тој е за да се живее.

 

19. Gossip Standing in the way of control |2006|

Мислам дека ни самите не биле свесни колку добра плоча прават. И како што тоа секогаш бива, црните овци секогаш излегуваат од белото слепило и веднаш потоа буцката станува најдобра женска затоа што музиката е убавината.

 

18. Mule If I don’t six |1994|

 

Еве ги правнуците на европските дисиденти кои дружејќи се со колегите црнци од фабриката дознаваат дека постојат само две војни вредни за војување: личната и замислената. Тие се секогаш спремни во ерата на мирот како да утре ќе има војна без разлика дали ќе биде лична или замислена.

 

17. African Head Charge Songs Of Praise |1990|

Еве ги и моите браќа по душа кои слават слава без попови.  Утре да ме викнат да им свирам клопотарец и да им пеам пратечи  давам сè од себе да извадам британска виза за да спукам еден албум со нив кај Адријан Шервуд и да отсвириме едно 10-15 дупки на тоа островот. После тоа, правец Македонија ама ќе останеме во контакт, сепак славиме слава без попови.

 

16. Articles of Faith In this Life |1986|

Вик Бонди по третпат. Во мојава листа ја има улогата на Битлс во сите избори за најдобри 100 албуми на сите времиња. Некој го памти Чикаго по Ал Капоне а јас по оваа плоча.

 

15. Падот на Византија Почеток и крај |2017|

И така конечно правдата победи и овие химни излегоа на плоча. Горан Трајковски е авторот кој изврши најголемо влијание врз своите колеги во последниве 40 години. Човекот кој многу пати отишол прв таму од каде што многу не се вратиле, но тоа е судбината на учителите… секогаш први да научат.

 

14. Jesus Lizard Down |1994|

Најопасниот бенд во светот таа 1994 и тоа во многу јака конкуренција. Овој гуштер трча по вода и го скротува немирното море кое предходно тој го разбранувал. Кој преживее ќе раскажува како е таму доле.

 

13. Rage Against The Machine Rage Against The Machine |1992|

Си викам во 1994: И јас сакам да бидам во ваква група и да пишувам вакви текстови. Тоа ми остана неисполнета желба но поради овие песни влегов да пливам во длабокиот и ладен океан во кој пливаат многу опасни риби.

 

12. Dead Kennedys Fresh Fruit For Rotten Vegetables |1980|

Џело, еден од моите најголеми херои, човекот кој ми ги отвори очите за многу работи. Бизгало и работник на годината едно 40 години по ред. Човек на кој не можеш да му затвориш уста а на крајот на денот разбираш дека и не треба затоа што кажува паметни работи на еден оригинален начин со леснотијата на еден мунгос кој се бори против вечната змија.

 

11. Анастасија Пред дождот |1994|

Заслужено стигнаа таму каде што наумиле. Тоа е одликата на големите, сами да си го бираат својот пат  и покрај знаењето дека сè е веќе однапред запишано. Знам дека кога се родиле бабите им рекле благослов: Стапалата ваши се за одење, ќе го прошетаат светов.

 

10. Toma Zdravković ‎Dva smo sveta različita |1982|

Имам 5 години, татко ми во кафаната „Три Шешира“ во Влае ми дава ситни пари, јас одам до џубоксот и ја пуштам „Еј Бранка, Бранка“. Го чувствувавме за близок овој самоук народен пејач и поет роден во село близу Лесковац затоа што знаевме дека е посебен и вреден, дека не е ист како другите.

 

9. Кирил Манчевски Ајде сонце зајде |1975|

За само 39 години успеа да испее сè што требаше светот да слушне за македонската душа и топлината која од неа извира. Потсетник да се мисли, зборува и делува со љубов и покрај тешките болести на телото и душата.

 

8. Hüsker Dü Zen Arcade |1984|

Кога си роден со мана ама знаеш дека далеку ќе догураш затоа што правиш работи само кога срцето ти е ширум раширено а кога не го правиш тоа знаеш дека оправдано ќе наебеш. Ајде да свириме, ќе плачеме после на мира а сега само дур трае концертот.

 

7. Gang of four Solid Gold |1981|

Мислам дека кога би се родил како Енди Гил би направил иста плоча со истата група. Можеби само ќе бев малку подобар водач (слуга) на групата. Во секој случај, фала многу за сè!!!

 

6. Fugazi Fugazi |1988|

Ако чичко Иан го направил ова, тогаш можеш и ти. Сè што треба е да знаеш уште од првиот момент кога ќе влезеш во сцената дека остануваш таму доживотно и да стигнеш до срцата и мозоците на милиони луѓе низ светот без спотови и спонзори. Ама не на фејсбук, мислам стварно.

 

5. Black Flag My war |1984|

Вика Хенри во неговата книга за овој период: „Со просечна интелигенција сум и просечна висина. Во мене нема ништо посебно. Ако јас го направив ова, тогаш ти можеш дупло подобро“. Така е чичко Хенри мајсторе, алал да ти е за Б страната на плочава. Паметно куче е тоа Грег Гин што те зема за пејач дур од Ди Си.

 

4. Crosby, Stills, Nash & Young Déjà Vu |1970|

Кога ќе сфатиш дека не може подобро од ова тогаш се е лесно… песните сами се пишуваат, свират и пејат, а публиката пее, игра и ракоплеска од срце.

 

3. Azra Filigranski pločnici |1982|

Кога како средношколец ќе мислиш дека не може подобро од ова на овие простори и 25 години подоцна сфаќаш дека навистина е така. Влегла плочава во срце и нема излагање, па кој сака што сака нека збори и мисли. Кужиш стари?

 

2. Архангел 2 |1993|

Кога Ристо Вртев мисли дека го мрзиш, а ти изгледа го сакаш.

 

1. Охридските Трубадури Популарни македонски песни пејат и свират |1976|

Најдобрата Македонска група на сите времиња!!! Точка.